Често поставувани прашања

Што всушност претставува извидничкото движење?
Извидничкото движење е дефинирано како: „доброволно, неполитичко, образовно движење за млади луѓе отворено за сите без оглед на потеклото, расата или верата, а во согласност со намената, принципите и методот создадени од страна на Основачот (истите можете да ги погледнете на http://scout.org/en/about_scouting ).

Од кога постои извидништвото?
Зачетоците на извидничкото движење потекнуваат од далечната 1907 година, кога на Brownsea островот во Северна Англија бил реализиран експериментален камп за момчиња, чија основна цел била нивно оспособување за живот во природа. Овој експериментален камп претставувал основа за создавање на извидничкото движење кое денес брои над 28 милиони извидници од целиот свет и е застапено во речиси сите држави во светот.

Кој е основач на извидничкото движење?
Основач на извидничкото движење е лорд Роберт Баден Пауел. Роден е на 22 февруари 1857 година, а во негова чест неговиот роденден се слави како Светски ден на извидничкото движење.

Што претставува WOSM ?
WOSМ (World Organisation of Scout Movement) е меѓународна невладна организација која ги обединува извидниците од целиот свет и се залага за развој на извидништвото и извидничкото движење, а истовремено  организира и реализира  голем дел од извидничките настани кои имаат светски карактер. WOSM e централната извидничка организација во светот која обединува огромен број на извиднички сојузи, федерации и сл. организации од многу земји. Официјални јазици на WOSM се англиски и француски. Сојузот на извидници на Македонија е полноправна членка на WOSM од 25 јули 1997 година.

Од кога постои извидништвото во Македонија?
Сојузот на Извидниците на Македонија има долга традиција, уште од 1921 година. Во тогашна Македонија се формирани првите Стегови и тоа на територијата на Скопје, а во текот на 1923 год. и 1924 год. формирани се повеќе такви Стегови и тоа во Куманово, Штип, Битола , Струмица и Гостивар, а со самото тоа е фромиран и Вардарскиот Скаутски регион со седиште во Скопје.Во почетокот од 1921 до 1940 година  се организирани многу летни логори и школи а како една од најмасовните акции/активности во тој период е заведена и прославата на осумдесетиот роденден на основачот на Светското Скаутско Движење, лордот Роберт Баден Пауел.За време на втората светска војна поради затекнатата ситуација престануваат сите активности на Скаутската организација во Македонија. Во 1953 год. од страна на поранешни членови на на Скаутската организација се основа слична на неа но со ново име – Сојуз на извидници на Македонија, кој функционира и денес.

Од кога постои ИПО "Галеб"?
Извидничкo поречанскиот одред "Галеб" е формиран во далечната 1955 година. Спаѓа во редот на најстарите одреди во Републиката, а воедно и е прв формиран поречански одред во Македонија. Повеќе информации можете да најдете во менито историјат.

Што значи извидничко поречански одред?
Поимот извидничко поречански одред означува извиднички одред кои покрај останатите активности од извиднички карактер реализира и голем број активности на вода како што се пловидби, сплаварење, веслање и сл. 

Како да станам член на ИПО "Галеб"?
Доколку сакате да се зачленте во ИПО "Галеб" слободно можете да се обратите кај некое од одговрните лица во одредот кои ќе ви дадат подетални информации како да станете член на одредот. Контакт информации можете да најдете во менито контакт. 

Колку чини членството во одредот?
Годишната членарина за сите членови на одредот изнесува 1200 денари и истата може да се плати  на две рати по 600 денари. Новите членови во одредот од категоријата развигорци ( 9-11 години ) во првата година од своето членување плаќаат половина од цената.